Второстепени улоги во Mobile Legends: Bang Bang

Кога избирате херој во Mobile Legends: Bang Bang, можеби нема да може да се одлучите помеѓу две различни класи на херои. Можеби играте како атентатор во другите MOBA-игри, но сакате да испробате некој маѓепсник од составов. Второстепените улоги ви нудат подобра опција: зошто не и двете?
Второстепените улоги ги прават некои од хероите од составот на Mobile Legends поприспособливи, така што им даваат елементи од повеќе улоги во играта. Водичов ќе ви покаже што е второстепена улога, како функционира и ќе ви го наведе секој херој во играта што има второстепена улога што треба да се земе предвид.

Што се тоа второстепени улоги?

Второстепените улоги го надополнуваат стилот на херојот. Како и главните улоги, спаѓаат во една од шесте стандардни категории ‒ атентатор, борец, маѓепсник, стрелец, поддршка, тенк ‒ овозможувајќи му дополнителни вештини на херојот. Имате само пет херои на бојното поле, па второстепените улоги може да ви помогнат да надоместите за улогите што ви недостигаат при создавањето тим и стратегија.
Второстепените улоги се резервна, а не главна стратегија во играта. Херојот треба да се игра според тоа што го диктира неговата примарна улога, но имате повеќе опции за алтернативни планови за борба или „импровизирани“ стратегии отколку со хероите што имаат само по една улога.

Дали хероите со второстепени улоги се хибридни ликови?

Одговорот на прашањево е „и да и не“. Иако хероите со второстепени улоги имаат атрибути од обете улоги, примарната улога сепак треба да има предност при одлуката за начинот на играње на херојот. На пример, примарна улога на херојот Johnson му е тенк, а второстепена улога му е поддршка.
Повеќето негови способности, како тие поврзани со штитот, се поврзани со неговата примарна улога на тенк. Но, неговата врвна вештина, Full Throttle, му овозможува да понесе еден од сојузниците како сопатник кога ќе се трансформира во автомобил. Ваквата дополнителна подвижност може многу да помогне за брзо пренесување моќен херој во непријателската база, што го прави навистина добра поддршка.

Секој херој со второстепена улога

Списоков ги опфаќа сите херои во Mobile Legends: Bang Bang кои имаат второстепена улога. Групирани се според главните улоги, а второстепената улога е наведена до нивните имиња. Ако претпочитате одредена главна улога, а сакате да испробате херој со второстепена улога, ова е списокот што треба да го погледнете.
Атентатор
  • Benedetta (атентатор/борец)
  • Harley (атентатор/маѓепсник)
  • Selena (атентатор/маѓепсник)
  • Suyou (атентатор/борец)
  • Yi Sun-shin (атентатор/стрелец)
Борец
  • Alucard (борец/атентатор)
  • Arlott (борец/атентатор)
  • Bane (борец/маѓепсник)
  • Fredrinn (борец/тенк)
  • Hilda (борец/тенк)
  • Julian (борец/маѓепсник)
  • Paquito (борец/атентатор)
  • Roger (борец/стрелец)
  • Masha (борец/тенк)
  • Terizla (борец/тенк)
  • Yin (борец/атентатор)
  • Zilong (борец/атентатор)
Маѓепсник
  • Alice (маѓепсник/тенк)
  • Kadita (маѓепсник/атентатор)
Стрелец
  • Kimmy (стрелец/маѓепсник)
  • Lesley (стрелец/атентатор)
Поддршка
  • Carmilla (поддршка/тенк)
  • Chip (поддршка/тенк)
  • Faramis (поддршка/маѓепсник)
  • Kalea (поддршка/борец)
  • Kaja (поддршка/борец)
  • Lolita (поддршка/тенк)
  • Mathilda (поддршка/атентатор)